Претседателот Александар Вучиќ изјавил за порталот „Политико“ дека дијалогот со Приштина мора да продолжи и покрај нацрт-обвинението за воени злосторства против косовскиот претседател Хашим Тачи.
Во интервјуто што го дал вчера за време на престојот во Брисел, каде имал средби со лидерите на ЕУ, Вучиќ изјавил дека не сака да го коментира предлогот на обвинението за Специјалниот суд против Тачи, но истакнал дека сака дијалог посредуван од ЕУ за односите во Белград-Приштина, кои се стопирани повеќе од една година.
„Политико“ потсетува дека ЕУ сигнализирале дека имаат намера да го започнат дијалогот во јули.
„Не сакаме да поттикнеме повеќе политички или физички конфликти меѓу Србите и Албанците и тоа е најдобриот начин да се заштити сигурноста и безбедноста на Србите кои живеат на Косово“, рече Вучиќ на прашањето за обвинението против Тачи.
Тој напоменал дека Белград треба да го продолжи процесот на дијалог со секој кој албанската страна ќе избере за свој претставник.
„Мора да продолжи. Во спротивно, што би можело да се случи? Која би била перспективата на целиот регион?“, праша Вучиќ.
На прашањето дали ќе се сретне со Тачи ако биде вклучен во разговорите, Вучиќ рече дека тоа не зависи од него.
„Секогаш можам да кажам дека нема да разговарам со некој кој е обвинет за воени злосторства, но јас не сум тој, тоа ќе го изберат албанските лидери, тоа зависи од нивниот народ“, објасни претседателот.
Кога станува збор за европските интеграции, Вучиќ изјавил дека неговата цел е Србија да стане членка на ЕУ во 2026 година, а разговорите да завршат во 2024 година.
На прашањето дали има сомнежи за целта на членството во ЕУ и дали тој можеби преферира да биде близок до ЕУ наместо да влезе во ЕУ, Вучиќ одговори: „Да ја кажам вистината, би сакал да станеме членка на клубот“.