Истражување: Скоро 50% од заразените со корона имаат променето чувство за вкус

од Vladimir Zorba
287 прегледи

Најмалку 50% од заразените со Ковид-19 може да имаат променето чувство за вкус или дури и да го изгубат заедно, според студијата објавена во списанието Gastroenterology.

„Досегашните истражувања не го потенцираа овој симптом толку многу, веројатно поради сериозноста на другите симптоми, како што се кашлицата, треска и проблеми со дишењето“, рече д-р Мухамед Азиз од Универзитетот во Толедо во Соединетите држави.

Азиз и неговите колеги анализирале податоци од пет студии на пациенти заболени од Ковид-19, спроведени меѓу средината на јануари и крајот на март оваа година. Од 817 субјекти, 49,8% имале изменето чувство за вкус (дисгезија).

„Кога ја направивме анализата, започнавме да забележуваме дека пациентите исто така имаат променето или изгубено чувство за вкус. Тој симптом не само што се споменуваше повремено, туку и во значителен дел“, рече Азиз.

„Предлагаме овој симптом да биде еден од основните симптоми за препознавање на Ковид-19; со треска, кашлица и останување без здив. Не само за оние за кои постои сомневање дека се заразени со коронавирус, туку и за асимптоматската популација, која може да го пренесе вирусот“, додаде тој.

Претходните студии покажаа дека значителен број на луѓе заразени со Ковид-19 немаат никакви симптоми, не знаат дека се заразени и со тоа ја пренесуваат болеста на други. Експертите веруваат дека променетата смисла за вкус е позастапена кај пациенти со поблаги симптоми и дека може да се искористи дисгезијата за да се идентификуваат асимптоматските пациенти. Сепак, посочуваат научниците, потребни се дополнителни истражувања за да се потврди ова со сигурност.

Азиз и неговите колеги веруваат дека причина за губење на чувството за вкус може да биде способноста на вирусот да се врзува за ACE2 рецепторите лоцирани на епителните клетки на јазикот и устата. ACE2 е протеин кој се наоѓа на површината на многу наши клетки. Тоа е ензим кој произведува протеини кои ги регулираат функциите на клетките.

Студијата наречена „Taste Changes (Dysgeusia) in COVID-19: A systematic review and metaanalysis“, може да ја разгледате на следниот линк!