
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес сподели видео на својот профил на Твитер, во кое неговите приврзаници извикуваат „бела моќ“ – расистички слоган поврзан со превласта на белците.
Тој подоцна го избриша твитот и Белата куќа објави дека претседателот не слушнал ниту „една изјава“ од видеото.
Видеото е снимено во Вилиџис, мал град во Флорида, населено со пензионери, и прикажува дуел на демонстрантите кои го поддржуваат Трамп и неговите ривали.
„Благодарние на големите луѓе во Вилиџис“, напиша Трамп.
Видеото што го сподели ги прикажува луѓето во колички за голф украсени со пароли и знамиња на Трамп додека викаат „бела моќ“.
Може да се видат и противниците на Трамп кои извикуваат „нацисти“ и „расисти“ кон неговите приврзаници.
„Нема сомнение дека Трамп не требаше да го објави видеото и дека требаше да го избрише“, рече сенаторот Тим Скот, единствениот црн републиканец во Сенатот, за Си-Ен-Ен.
Набргу потоа, Трамп го избриша твитот во кој го сподели видеото.
Портпаролот на Белата куќа Џуд Дир изјави дека Трамп е „голем обожавател на Вилиџис“ и не слушнал никакви изјави од снимката. „Она што го виде беше огромниот ентузијазам на неговите поддржувачи“, вели портпаролот.
Неговата објава со расистички слоган доаѓа во време на расни тензии, дебата за системска дискриминација и големи протести, откако еден бел полицаец го угуши Афроамериканецот Џорџ Флојд кон крајот на минатиот месец.