Кандидатот за премиер промовиран од ДУИ, Насер Зибери смета дека предрасудата дека Албанец како приоритет ќе ги има правата на Албанците е дезавуирана теза, бидејќи, како што вели, многу од тие прашања се апсорбирани.
-Јас сум сведок дека многу од прашањата кои ние тогаш ги покренувавме сега веќе се апсорбирани. И оттука предрасудата дека Албанец може како приоритет во примената на политиката да ги има правата на Албанците е дезавуирана теза, бидејќи многу, да не речам 99 отсто од тие прашања, се апсорбирани. На нас ни треба, да, Албанец, но не Албанец кој ќе се грижи само за Албанците, туку, пред сè, за земјата, пред сè, за државата зошто ако тезата е обратна, со право македонскиот граѓанин, значи од македонскиот народ, од македонскиот етникум може да има не само резерва, туку и одбојност кон таквата идеја, вели во интервјуто за Слободна ТВ, Зибери.
Тој истакнува дека идејата е да се наметнеме и докажеме и пред светот и внатре, дека сме способни без оглед на припадноста, успешно без конфликти да ја водиме земјата, да ги надминеме овие поларизации и да се сплотиме во едно.
-Не да го губиме идентитетот како политички субјекти, па ако сакате и како етникуми, туку да се сплотиме во државниот интерес кој треба да биде над сите останати што ги спомнуваме до сега. Ако ова ни е водилката во градењето на политиката, мислам дека е правата насока. Мислам дека и Албанците треба да го прифатат, како што треба да го прифати и секој граѓанин и секој Македонец и секој Србин, Турчин, Влав, Ром, Бошњак итн, истакнува Зибери.
Посочува дека сите треба пред сè да бидеме загрижени во каква земја живееме, дали сме безбедни, стабилни, сигурни, дали функционира системот, правната држава, просперитетот, зошто низ тие принципи ќе го оствариме и индивидуалниот па ако сакате и колективниот интерес, во спротивно ќе ги доведеме и колективните и личните и персоналните интереси во прашање.
– Затоа пред сè општество демократско, со демократски институции, определено да гради европски институции и општество во кое секој ќе се чувствува комотен и незагрозен, вели Зибери во интервјуто за Слободна ТВ.