По објавувањето на разговорите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец може да се сфати кој гласал во Собрание по сопствено убедување, а кој бил платен и имал лична корист за да го прави тоа. Мицкоски ветуваше: „Со мене ќе ви биде подобро“, а всушност, причината била предметот „Империја“, велат од Независната пратеничка група.
„Очигледно е дека без срам, Мицкоски ги лажеше и нашите сопартијци на кои им велеше дека главниот интерес е да ги заштити нив од прогон. Но, нам државата ни беше пред неговите закани и тоа ‘дали влакно од косата ќе ни фали или не’. Дволичноста и лицемерието на Христијан Мицкоски сега ги слушна и јавноста.Иако одамна сме разочарани од тоа што ѝ се случува на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, сепак, не очекувавме дека Мицкоски може да оди дотаму, да кочи закони за да штити криминал, со цел финансиски бенефит. Мицкоски нè обвинуваше нас дека сме зеле пари да гласаме, а тој се слуша дека само гледа личен интерес. Јавноста сега се увери дека ние одбивме да постапиме спротивно на интересите на нашата држава и нашиот народ, како што тоа го правеа други наши колеги по нарачка од Мицкоски, велат од партијата.
Оттаму прашуваат дали е срамно Мицкоски по митинзи да се фали дека ќе ја вратилправдата, која всушност тој сакал да ја продаде за да му се плаќаат долгови и автобуси? И До кога ќе се лаже и понижува сопствениот народ за лични интереси?!
„Заложбата на нашата пратеничка група беше предметите кои ги водеше специјалното јавно обвинителство за сторен криминал да добијат судски епилог и да се знае кој е виновен, а кој обвинет без докази. Успеавме во тоа и покрај сите притисоци, но и закани кои ги добивавме во тој период и се присутни и денес, а доаѓаа од мала група луѓе, по нарачка на ним познати лица.Носењето на Законот за Јавно обвинителство беше нотирано како значаен успех по европскиот пат на нашата татковина. Со него, се елиминираат политичките влијанија, какви што гледаме дека ги имало во минатото. Ние ја обезбедивме правната држава која Мицкоски сакаше да ја урниса“, велат од Независната пратеничка група.