Република Македонија во континуитет го гради својот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, која во најголем дел претставува автентичен репрезент на мултиетничкото и мултикултурно општество, велат во партиското соопштение од партијата на ДУИ.
„По имплементацијата на легислативниот дел од Рамковниот договор, создадени се услови за целосно заокружување и на општествената рамка, или духот кој овој договор го наметнува во сите сфери од
заедничкото живеење.
Во оваа насока, во следниот мандат, еден од врвните приоритети на првиот премиер Албанец ќе биде усогласувањето и на државните симболи, особено на химната на нашата земја, која секако треба да претставува репрезент и на мултиетничкиот состав на населението. Тоа би значело вклучување и на дел од културното наследство и традицијата на Албанците во рамките на химната, како и употреба на албанскиот јазик соодветно на учеството на
Албанците во заедничкото општество.
Онака како што со имплементацијата на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се гради надворешната интеграција на земјата, така и со заокружување на општествената рамка од Охридскиот договор, ќе ја засилиме и внатрешната интеграција и ќе го зацврстиме унитарниот карактер на земјата.
Зајакнување на довербата меѓу народите, како и унапредување на меѓуетничките односи претставува клучниот темел на кој се гради мултиетничкото општество на Република Северна Македонија, и токму затоа еден од нашите приоритети во следниот мандат ќе биде целосното интегрирање на Албанците, на албанската традиција, култура и јазичен израз во сите сфери на општественото живеење.“ се вели во соопштението на ДУИ.