Германската канцеларка Ангела Меркел денес за прв пат носеше маска во јавноста, откако беше обвинета за лицемерие на почетокот од оваа недела за не користење таква заштита за време на епидемијата на коронавирусот.
Меркел влезе во горниот дом на парламентот облечена во црна маска со натпис EU2020.de, адреса на веб-страница посветена на шестмесечното претседателство на Германија во ЕУ, што започна на 1 јули.
Германската влада го пропиша задолжителното носење маска на одредени јавни места, а новинарите ја прашаа Меркел на почетокот на неделава зошто таа никогаш не носи маска во јавноста.
Таа одговори дека не и треба, затоа што ја почитува регулативата за социјално дистанцирање, но дека тоа го прави во ситуации кога дистанцата не е можна, на пример кога оди на шопинг и не е под око на јавноста.
„Но, нема да ви кажам каде одам на шопинг“, рече Меркел со насмевка.
Таа досега доби пофалби за нејзините мерки против вирусот, а нејзиниот рејтинг на анкетите се зголемува. Германската економија, најголема во Европа, во моментов се справува со последиците од пандемијата подобро од економиите на повеќето соседни земји.