Глечерот во Италија се здоби со розева боја поради алги, што значи мразот во таа областа се растопува се побрзо и побрзо, рече научник кој го проучува овој феномен.
Розов снег се појави на глечерот Пресена во северна Италија, изјави вчера геофизичарот Бјаџио Ди Мауро од италијанскиот институт за поларни науки.
Иако „снегот во боја на лубеница“ е прилично честа појава на Алпите во пролет и лето, оваа година тој беше поинтензивен по боја и распространетост.
Цветање на алгите е лоша вест за глечерите
Кога Ди Мауро во саботата го посетил глечерот, тој забележал „прилично импресивно цветање на снежните алги“. Тој за Си-Ен-Ен изјави дека алгата Chlamydomonas nivalis е одговорна за оваа розева боја на глечерот.
„Немавме многу снежни врнежи оваа пролет и лето, а забележани се и високи атмосферски температури. Тоа е совршено опкружување за алгите да растат“, објасни геофизичарот.
Цветањето на алгите е лоша вест за глечерите, бидејќи потемниот снег апсорбира повеќе енергија, што значи дека глечерите се топат уште побрзо.
Ди Мауро претходно го проучувал глечерот Мортератш во Швајцарија, каде алгата Анцилонема норденскиелди го обоила мразот виолетов. Овие алги се наоѓаат и во југозападниот дел на Гренланд, како и на Андите и Хималаите.
Топење на глечерите низ целиот свет
Глечерите ширум светот се растопуваат побрзо како резултат на климатските промени. Во октомври 2019 година, откриено е дека глечерите во Швајцарија се намалиле за 10 отсто во последните пет години.
На Антарктикот, гигантскиот глечер Денман се повлекол скоро пет километри во последните 22 години. Ако овој глечер се стопи целосно, нивото на морето ќе се искачи за скоро 1,5 метри.