Сите плати пораснаа повеќе од педесет проценти, обезбедивме нови униформи и чизми одеднаш, што не се случило ниту еднаш во историјата на нашата Армија. Обезбедивме прва модернизација со оклопни возила и со инженериски машини, а Министерството го направивме најтранспарентна институција во целата држава. Изминатиот период инвестиравме во два фронта во Армијата – едниот беше членството во НАТО, вториот беше подобрувањето на условите за работа и живот во Армијата, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска од кичевската касарна „Чеде Филиповски – Даме“.
-Нашата Армија е Армија на сите граѓани и граѓанки на државата и затоа и таа треба да ја земе предвид еднаквоста помеѓу мажите и жените. Задоволство ми е што во изминативе години сериозно го зголемивме бројот на жени – офицери. Три пати порасна бројот на полковници, односно полковнички во Армијата и го зголемивме и бројот на девојки кои што се запишуваат на Воената академија, рече Шекеринска.
Според неа, тоа значи создавање на подмладок кој што ќе биде навистина НАТО подмладок и додаде дека како резултат на таа инвестиција, една наша питомка беше наградена како најдобар странски питомец на Воената академија во Австрија.
-Во жените вреди да се инвестира, во жените вреди да се инвестира и во Армијата. На денешната средба потврдивме дека како држава членка на НАТО имаме многу што да понудиме. За прв пат го правиме дополнителниот план за оваа родова перспектива и во Армијата, и во одбраната и ќе имаме со што да се пофалиме и пред нашите припаднички и пред нашите граѓани и граѓанки, но и пред НАТО, заклучи министерката Шекеринска.