Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски планира да достави оставка до ЦК на ВМРО-ДПМНЕ по новиот изборен пораз, дознаваме од извори во партијата.
Мицкоски неодамна изјави дека ќе си поднесе оставка ако ги загуби предвремените парламентарни избори, на кои, според неофицијалните резултати кои вчера ги соопшти ДИК, имаат два пратеници помалку од СДСМ – 46:44.
Тој пред девет месеци во интервју изјави дека ќе поднесе оставка доколку партијата изгуби на избори, па дури и ако победи, а не успее да состави Влада. Во интервјуто од минатиот октомври тој беше дециден во намерата да отстапи од лидерската функција доколку еден од овие услови е исполнет.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби следите избори, се разбира да, ќе понесам одговорност. Доколку тие избори бидат фер, бидат транспарентни, да, ќе понесам одговорност и ќе поднесам оставка. И не само тоа, ќе одам и чекор понатаму, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи и не успееме да направиме Влада и тогаш ќе понесам одговорност“, рече Мицкоски во интервјуто.
За Мицкоски ова е трет изборен пораз, откако ги загуби локалните избори во 2017-та година, претседателските избори во 2019-та и предвремените парламентарни избори кои завршија пред неколку дена.
Мицкоски не се појави за изјава по завршувањето на изборниот ден и дури во четвртокот на прес-конференција рече дека „во Македонија расположението е опозициско, а резултатите покажуваат дека опозицијата освоила повеќе гласови од власта“.
Тој повтори и дека овој резултат е постигнат во тешки околности, силни притисоци, и бројни нерегуларности, а дека Власта спровела „масовен поткуп“.
– Сето ова ми дава за право дека ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада. Кога треба да се соочиш со сериозни предизвици, јас сум оптимист затоа што настапуваме чесно и принципиелно, посочи Мицкоски.
Дел од јавноста сепак оценува дека овие обвинувања се само алиби на Мицкоски, чија партија поднесе два приговори до Државната изборна комисија за сумирање на резултатите. Најголем број од приговорите, 74, се од Алијанса за Албанците. По завршување на роковите за поднесување приговори, ДИК ќе закаже седница на која јавно ќе ги разгледа и ќе одлучува.
Дел од неговите сопартијци, како и симпатизери, исто така бараат негова оставка, а меѓу првите по изборите се огласи градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
– Апсолутно е нормално да се постави прашањето за промена на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Дојде време за ова прашање Ова се последните изгубени избори, четврти по ред – загуби на локалните избори, го загуби референдумот, претседателските и сега парламентарните избори. Нашата партија падна од 470.000 на 320-340.000. Дури и околу 300.000. Оваа бројка само по себе докажува дека нешто не е во ред. Денес на ВМРО-ДПМНЕ му треба единство, кохезија и секој еден да може да работи правилно и слободно- истакна Митко Јанчев“, вели тој.
Професорката Билјана Ванковска на својот Фејсбук профил вели дека тој треба да и поднесе оставка бидејќи покажал плашливост и дека треба да се врати на факултетот и на бизнисот.
„Не знам дали досега го направил тоа, но Мицкоски треба веднаш да си даде оставка не само заради овој пораз: кога се работеше за државата тој ја спасуваше партијата, се покажа мек и неубедлив, без никакви лидерски способности“, пишува Ванковска.
„Најмногу од се’ покажа плашливост (може кај Апасиев да оди на часови): не се ни кандидираше за да ја види поддршката што ја ужива кај народот, а синоќа немаше сили ни да му се обрати на членството. Бидејќи устата му беше полна „чест и честитост“, сега би било чесно и честито да си даде оставка, да се врати на факултетот и на бизнисот“, додава меѓудругото професорката.
Емилија Александрова, пратеничка од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на барањето за оставка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за „Утрински Брифинг“ изјави дека независната пратеничка група и претходно побарала оставка од Мицкоски бидејќи побарал ратификација на договорот за членство во НАТО под името Северна Македонија, со што го прифати новото име на државата, а за што беа избркани од партијата, што говори за несериозноста на лидерството.
-Вчерашното барање е врз основа на резултатите. ВМРО-ДПМНЕ како никогаш досега има најмал број на гласови. 150.000 глас од претходните избори. На локалните избори изгубивме и после четири изборни процеси на кои партијата е губитник, најдостоинствено и најдобронамерно што може да направи Мицкоски е да си поднесе оставка. Партијата бара да се реформира, да се смени статутот и да се избере ново раководство. Мицкоски нема потреба да ја држи партијата во заложништво и време е за промени, смета Александрова.