Ново жариште во Кина

од Vladimir Zorba
273 прегледи

Бројот на нови случаи на коронавирус на крајниот запад на Кина се зголеми во последните 24 часа за 17.

Од тој број, 16 се ново заразени во регионот Ксинџијанг со мнозинско муслиманско население, кое се смета за ново жариште, пренесува АП.

Речиси сите летови до Урумки, главниот град на тој регион, се откажани, а локалната власт ветува одлучни мерки за сузбивање на пандемијата на коронавирусот.

Строгите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот вклучуваат, наводно, запирање на метро-линијата, како и многу линии на јавни автобуси.

Во Ксинџијанг, во средата се пријавени нови случаи на заразени со вирусот, за прв пат по месеци во регионот, во кој претежно се населени муслимански ујгури и членови на други малцинства.

Откако се појави пандемијата во Кина на крајот на 2019 година, бројот на ново заразени лица постојано опаѓаше, но кинеските власти многу сериозно ги сфаќаат малите жаришта, за да го избегнат вториот бран на вирусот.