
Шведската здравствена агенција објави денес дека ги менува своите упатства за следење на контактите заразени со коронавирус, така што оние што се позитивни за корона ќе го прават тоа сами во поголема мерка, пренесува Ројтерс.
Портпаролката на шведската агенција изјави дека е многу подобро поединците да контактираат со лица кои се потенцијално заразени, наместо тоа да го сторат официјалните владини институции.
Таа истакна дека ова нема да се однесува на оние кои се болни и кои се во тешка ситуација да го сторат тоа, како и дека надлежните органи ќе имаат дискреционо право да ги следат контактите во некои случаи.
Новиот систем објавен од Шведска се разликува од стратегијата на повеќето земји во кои властите ги следат и ги информираат луѓето кои имаат близок контакт со заразени лица.
Постојниот систем работеше добро додека бројот на заразените беше помал, но веќе не се покажа особено ефикасен кога се шири инфекцијата.
За разлика од другите земји, шведскиот систем за следење на контактите заразени со коронавирус не е анонимен, затоа што се смета на совеста на поединците и очекува од нив да пријават дека се заразени на сите, со кои биле во контакт.
Сè уште не е познато како ќе работи новиот метод, дали и како надлежните ќе извршат проверка, а се очекува Агенцијата да објави покомплетни упатства во наредните денови.
Од почетокот на пандемијата, 78.000 луѓе се заразени со коронавирус во Шведска, многу повеќе отколку во соседните скандинавски земји.