Алијанса за Албанците ќе организира протестен марш пред ДИК

од Nikola Popovski
184 прегледи

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар , Арбен Таравари во отвореното студио на ТВ 24 изјави дека неговата партија ќе одржи протестен марш со порака со цел да го изразат револтот против злоупотреба на гласовите и полнење на кутиите на изборите.

Според него, протестот ќе се одржи во понеделник и ќе почне од скопски Чаир, а предвидено е да заврши пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и пред Државната изборна комисија.

„Пораката ќе биде доста е веќе со полнење на кутии. Оставете го народот сам да си гласа, да си ја изрази политичката определба и волја. Не ги злоупотребувајте гласовите и не гласајте по неколку пати“, рече Таравари.

Во однос на преговорите за формирање Влада, Таравари рече дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламенатрното мнозинство.

„Сите математики се можни. Се што прави 61, каде што ДУИ не е дел од Влада, ние сме тука. Мислиме дека и кај Албанците треба еднаш да се случи промена, после 18 години“,објасни Таравари.