По промената на статутот на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ пристигнаа реакците од дел од членовите кои бараат одговорност од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
По завршувањето на изборите и неуспехот на партијата, се јавија неколку поранешни и сегашни функционери кои не се дел од актуелното раководство.
Поранешниот директор на УБК и обвинет во неколку случаи на СЈО, Сашо Мијалков во интервју за Плусинфо побара одговорност од Мицкоски.
– Проблемот е што сега се помалку граѓаните им веруваат. Добар дел и од блиските на Мицкоски не веруваат во оваа лажна слика, но се плашат да кажат дека со политиките кои ги водеа и со неискрениот пристап, не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните, вели Мијалков.
Повик до Мицкоски да се повлече од лидерската позиција во партијата упати и Никола Попоски, поранешен висок функционер на партијата,
-Минимум за тоа дека сме ја сфатиле пораката на гласачите е да се држиме до најавеното пред изборите. Во спротивно, следна рунда може дури и бетер да минеме. Ако и сега некој е изненаден, тогаш никој нема да биде. Веднаш да најавиме дека недвосмислено, со оглед на исходот, остануваме во опозиција, ќе биде побезболно за членството отколку да создаваме нереални надежи за потоа да ги разочараме дополнително по кој знае кој пат. Целосно ќе изгубат мотив, оценува Попоски.
Филип Петровски вчера на Само Вистина на „Канал 5“ ТВ пак оцени дека лага е наводната демократизација на ВМРО-ДПМНЕ со вчерашното менување на статутот на партијата.
– Мицкоски е самонаречен кандидат за мандатар, тој беше само шпицен кандидат на билбордите кој сам си ги поставуваше. Јасно е дека кандидат за мандатар може да биде оној кој победил на изборите, изјави Петровски и порача дека, како што рече, за жал Мицкоски не е препознаен како автентичен кандидат.
Утрово со свој став излезе и Ивица Коневски, член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник на Аеродром.
– Повеќе од јасно е дека на партијата и е неопходен добар тим, раководство со капацитет за обединување и демократизација, кои во моментов се клучни за враќање на довербата кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш имала свој препознатлив печат, кој за жал изминатите неколку години избледе. Но, и покрај сите премрежија, кај многумина од нас не избледе искрената желба партијата да се врати на својот вистински пат, да ги следи современите текови и повторно да стане делотворен чинител во ова општество. ВМРО-ДПМНЕ тоа го има, го може и знам дека ќе успее пак да се издигне на пиедесталот, онаму каде што припаѓа, на првото место. Доаѓаат подобри времиња!, изјави Коневски.
Пред неколку дена ВМРО-ДПМНЕ направи измени во статутот на партијата укинувајќи ја позицијата почесен претседател.
Оваа одлука за Антонио Милошоски беше значаен исчекор.
„Значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија е воведувањето на непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници, и идните кандидати за градоначалници. Минатиот труд, личниот углед, довербата кај членството и капацитетот на кандидатот да се носи со обврските на овие позиции ќе добијат на тежина“, напиша Милошоски на наговиот фејсбук профил.
Но, првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и почесен претседател, Љубчо Георгиевски, по оваа објава го изрази своето незадоволство и најави тужба против партијата.
Георгиевски веќе го подготвува адвокатскиот тим за покренување на тужба против ВМРО-ДПМНЕ во негово име, бидејќи согласно позитивната правна регулатива веќе стекнато право не може да биде одземено.