
Шпанските здравствени власти предупредија дека може да се случи втор бран на коронавирус во земјата, бидејќи Франција, Германија и Белгија пријавија големо зголемување на бројот на нови случаи.
Земјите ширум Европа ги потсетија луѓето за потребата да бидат претпазливи заради зголемениот број случаи во текот на летните одмори, пишува „Гардијан“.
Шпанското Министерство за здравство објави дека во текот на изминатите 24 часа се регистрирани 971 нови случаи на Ковид-19, што е најголемото дневно зголемување од укинувањето на вонредната состојба на крајот на јуни, како и дека има 281 жаришта во земјата.
Марија Хозе Сиера, заменик-шеф на координативниот центар на Шпанското Министерство за здравство за предупредувања и вонредни состојби, рече дека иако кривата се израмнила, пренесувањето во заедниците е забележано во североисточните области.
„Веќе може да има втор бран, но тоа не е најважната работа“, рече Сиера пред новинарите.
„Најважно е да продолжиме да следиме што се случува, да видиме какви мерки се неопходни и да се преземат рано“, посочи таа.