Британскиот премиер Борис Џонсон призна дека владата не го разбирала коронавирусот во текот на првите неколку недели и месеци по избувнувањето на заразата во Велика Британија.
Тој во интервју за Би-Би-Си што ја одбележа годината од неговото влегување во Даунинг стрит (седиштето на британската влада) рече дека има „многу отворени прашања“ дали воведувањето карантин во таа земја започнало предоцна.
„Не го разбравме (вирусот) на начинот на кој би сакале во првите неколку недели и месеци. Мислам дека веројатно единствено што не го видовме на почетокот беше влијанието на асимптоматското пренесување од човек на човек“, рече премиерот пред британскиот јавен сервис.
Тој додаде дека има многу лекции што треба да се научат и дека министрите можеле да направат некои работи „поинаку“.
Џонсон, кој самиот беше позитивен на вирусот, минатата недела вети „независна“ истрага за пандемијата, но не беа дадени детали за нејзиниот обем и време.
Тој претходно рече дека донел „правилни одлуки во вистинско време“, засновани врз советите на научниците.
Лабуристите претходно ја обвинија владата за „лошо управување со кризата“.
Велика Британија беше целосно во карантин на крајот на март, а критичарите велат дека одлуката дошла предоцна и дека ги чинела многу луѓе нивните животи, пишува Би-Би-Си.
Повеќе од 45.000 луѓе во Велика Британија починале од ефектите на коронавирусот, а регистрирани се над 300.000 позитивни случаи.