Рекорден број новозаразени во светот за еден ден

од Vladimir Zorba
206 прегледи

Светската здравствена организација објави дека во петок е забележано рекордно зголемување на бројот на заболени од коронавирус на глобално ниво, затоа што во текот на изминатите 24 часа се регистрирани вкупно 284.196 нови случаи.

Најголем раст е забележан во САД, Бразил, Индија и Јужна Африка, се вели во извештајот, пренесе Ројтерс.

Претходниот рекорд по бројот на нови случаи беше забележан на 18 јули, кога изнесуваше 259.848.

Бројот на смртни случаи се зголеми за 9.753, што е најголем број на смртни случаи за еден ден по 30 април, кога беа регистрирани 9.797 смртни случаи.

Во текот на јули, просечната бројка на смртни случаи беше околу 5.000, додека во јуни беше околу 4.600.