
Повеќе од 13 милиони Италијанци се откажаа од одморите оваа година поради неизвесност, стравови и финансиски тешкотии, поради пандемијата од коронавирус.
„Во Италија повеќето луѓе кои летово сепак ќе одат на одмор избираат туристички дестинации во својата земја, со цел да го поддржат домашниот туризам, но и заради неизвесноста во врска со патувањето во странство“, покажа анализата на здружението „Колдирети“, пренесува Танјуг.
Околу 25 проценти од Италијанците се определиле за дестинација во близина на нивниот дом, односно во рамките на регионот на нивното живеалиште, а најчесто избрани локации се крајбрежните градови, планините, помалите градови и селата.
Поради пандемијата, италијанските туристи претпочитаат да ги поминат годишните одмори во колиби, да посетуваат роднини и пријатели или да изнајмат станови и куќи, наместо да претстојуваат во хотели.