СЗО: Меѓународните забрани за патувања не можат да траат вечно

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Меѓународните забрани за патувања не можат да останат во сила на неодредено време и земјите ќе треба да направат повеќе за да го намалат ширењето на коронавирусот во рамките на нивните граници, објави денес Светската здравствена организација (СЗО).

Само со строго придржување кон здравствените мерки, од носење маски до избегнување толпи, светот ќе успее да ја надмине пандемијата „Ковид-19“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на виртуелен брифинг во Женева, објави Ројтерс.

„Таму каде што се спроведуваат овие мерки, случаите паѓаат. Таму каде што не се спроведени, случаите се зголемуваат“, рече Тедрос, пофалувајќи ги Канада, Кина, Германија и Јужна Кореја за контролата на жариштата.

Шефот на одделот за итни случаи во СЗО, Мајк Рајан, изјави дека е невозможно за државите да се задржат затворените граници во блиска иднина.

„За некои земји ќе биде скоро невозможно да ги затворат своите граници во блиска иднина. Економиите мора да се отворат, луѓето мора да работат, трговијата мора да продолжи“, рече тој.

Според него, јасно е дека кога се воспоставува притисок врз вирусот, бројките паѓаат, додека кога се ослободува притисокот, случаите се зголемуваат.

Рајан рече дека сегашната состојба во Шпанија не е приближно лоша како што беше на врвот на пандемијата и дека очекува жариштата да бидат ставени под контрола, иако ќе бидат потребни неколку дена или недели да се забележи идниот модел на болеста.