Петре Шилегов со еден потпис одлучи да ја урне Универзална сала. Најнеспособниот градоначалник на Скопје ќе ја урива салата која буди спомени на илјадници скопјани. На само неколку дена по годишнината од скопскиот земјотрес, Шилегов приреди нов земјотрес, реагираат од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека Шилегов и СДСМ, три години ги лажат скопјани дека ќе го вратат духот на вистинското Скопје.
„Вчера одлучија да се сруши Универзална сала, а за тоа ниту ги прашаа граѓаните, ниту стручната јавност, туку сами на своја рака ставија крај на една сала од која произлегле голем број на таленти.
Симболот на Скопје, салата во која се организирани голем број на приредби, концерти и настани со кои пораснаа десетици генерации оди во историјата со одлука на Петре Шилегов и СДСМ, тоа е спротивно на сите нивни ветувања во предизборните програми дека ќе ја реновираат салата и дека ќе ја подобрат нејзината функционалност.
Петре Шилегов станува џелатот на Скопје, не само што не гради ништо ново, туку го руши и она кое некој друг го направил и го оставил на генерациите по него.
Со уривањето на Универзална Шилегов го урива и еден од симболите на солидарноста, од која се изгради постземјотресно Скопје.Петре Шилегов и СДСМ само уништуваат и создаваат хаос“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.