Израелците на улицa, бараат оставка на Нетанјаху

од Vladimir Zorba
141 прегледи

Стотици Израелци вечерва демонстрираа повторно пред резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, како и во Тел Авив, барајќи негова оставка.

Протестите траат повеќе од еден месец, како одраз на незадоволството на јавноста од одговорот на Владата на Израел на пандемијата на коронавирус и како резултат на економската криза.

На демонстрациите што се одржуваат двапати неделно, Израелците бараат Нетанјаху да си замине затоа што тој е на суд за корупција, но тој негира дека сторил нешто лошо, ги обвинува медиумите и полицијата за „лов на вештерки“ против него и одбива да се повлече.

Демонстрациите против Нетанјаху се најголеми во Израел од 2011 година, кога демонстрантите бараа економски реформи.

Иако демонстрациите сега беа претежно мирни, полицијата уапси десетици луѓе за нарушување на јавниот ред и таа беше обвинета за употреба на прекумерна сила.

Во Тел Авив неколку стотици луѓе протестираа пред зградата во која живее министерот за јавна безбедност, Амир Охана.

Демонстрантите стигнаа до автопатот блокирајќи го сообраќајот во знак на протест поради барањето на министерот полицијата да ги задуши демонстрациите против Нетанјаху.

Популарноста на израелскиот премиер опадна во последните неколку недели откако започна судењето, поради незадоволството на стотици илјади Израелци кои ги загубија своите работни места поради пандемијата. Од олеснувањето на ограничувањата наметнати како резултат на епидемијата, невработеноста се искачи на над 20 проценти, што е зголемување од само 3,9 проценти порано оваа година.