Американската економија потона: Забележан најголем пад во историјата на земјата

од Vladimir Zorba
219 прегледи

Американската економија се намали за неверојатни 33 проценти во вториот квартал од оваа година (април, мај и јуни), објави АП.

Оваа вест дополнително ќе наштети на рејтингот на Доналд Трамп, кој се пофали со економски раст до 2020 година. Ова е далеку најлошото тонење на американската економија во историјата на мерењето, за време на кое десетици милиони Американци ги загубија своите работни места, а стапката на невработеност се искачи на 14,7 проценти.

Министерството за трговија објави дека ваквиот пад на БДП за една четвртина бил незабележан во досегашната историја на мерење, односно од 1947 година. Најлошата „контракција“ досега се случи пред 62 години, кога за време на администрацијата на Двајт Ајзенхауер, БДП падна за 10% за еден квартал.

Во првиот квартал, односно од 1 јануари до 31 март падот на БДП беше 5%, со што заврши рекордно долгата, 11-годишна економска експанзија во САД.

Овој пад е предизвикан од пандемијата на коронавирус, што доведе до големо затворање низ целиот свет на почетокот на март, што ги вклучи и повеќето американски држави.

Освен тоа што станува збор за удар на милиони Американци, оваа есен дополнително ќе го оштети рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го посочи растот на економијата до крајот на 2019 година како главен успех на неговиот мандат.

Единствената добра вест во целата приказна е дека економистите предвидуваат брзо закрепнување, кое започна во тековниот, третиот квартал, што според проценките треба да заврши со економски раст од 17 проценти. Сепак, сè потешката епидемиолошка слика во поголемите држави, како Флорида, Тексас и економски најсилната Калифорнија, може да предизвика нов бран на „заклучување“ и со тоа да го забави очекуваното закрепнување.

Слични содржини