Бројот на пациенти со сезонски грип е рекордно мал

од Vladimir Zorba
257 прегледи

Поради глобалните правила за физичко растојание воведени како резултат на коронавирус, стапките на заболени од грип се на рекордно ниско ниво, покажуваат раните податоци, сигнализирајќи дека мерките имаат невидено влијание врз другите заразни болести.

Во Кина, каде започнаа првите мерки за карантин, новите извештаи за инфекции, вклучувајќи заушки, сипаници и сексуално преносливи болести, покажуваат значителен пад, при што бројот на заразени со грип доживува најостар пад.

Бројот на инфекции пријавени од страна на Министерството за здравство на месечна основа од почетокот на карантинот се намали за 90 проценти, од просек од околу 290.000 случаи месечно на 23.000.

Канадскиот систем за набљудување на грип, исто така, објави „екстремно ниски нивоа“ на грип, како и другите држави кои известуваат за податоци на неделна основа, вклучително и Велика Британија и Австралија.

Во својот последен неделен извештај, порталот за заразни болести во Јужна Кореја објави намалување од 83 проценти во однос на минатата година.

„Имаме најниска стапка на други вирусни инфекции досега за овој период од годината“, рече Бен Мараис, специјалист за заразни болести на Универзитетот во Сиднеј и доктор на детскиот оддел во болницата Вестмид.

„Обично имаме одделенија полни со деца со потешкотии во дишењето во овој период од годината, во текот на зимата … Но, оваа година одделенијата се претежно празни“, рече тој.

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека има три до пет милиони сериозно болни и до 500.000 смртни случаи од сезонски грип на глобално ниво.

Слични содржини