МОН има предлог-план, училиштата ќе се отворат на први септември

од Берта Китинска
181 прегледи

Министерството за образование и наука има предлог-план како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември. Тој треба да се финализира во наредната недела, да помине на седница на Влада и да биде соопштен во јавноста. Планот содржи протоколи за сите модели на настава – присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период.

На дваесетина дена пред почетокот на учебната година, се интензивираат дебатите што е најдобро и најсоодветно за учениците. Оние што се за физичко присуство тоа го аргументираат со слабостите на онлајн-наставата кои се покажаа од март до јуни – нееднаквост во техничка опременост, необученост за дигитални вештини, проблеми во интернет-пристапот итн, а приврзаниците на онлајн-наставата се повикуваат на здравствената безбедност на децата, стравувајќи дека тие ќе бидат изложени на ризик од КОВИД-19, особено во средините каде што бројот на заразени е поголем.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера истакна дека преовладува позитивно мислење, и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Сепак, се остава, рече тој, финализирање на модалитетите, уште еднаш протоколите да се разгледаат во Комисијата за заразни болести и потоа на седница на Влада да се одлучи кој модел конкретно би се активирал за кои околности и во која епидемиолошка состојба.

Важноста од отворањето на училиштата ја потенцираше и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ди Џовани, која на презентација на резултати од истражување истакна дека пандемијата наметнала преориентација кон далечинско учење за децата да не изгубат од образованието и да нема застој, но дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта – долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.

– Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет, ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат, истакна Ди Џовани, нагласувајќи дека мора да се дејствува сега за децата да не станат, како што рече, „скриените жртви на оваа пандемија“.

Онлајн-анкетата на МОН, УНИЦЕФ и истражувачкиот тим на Реактор-истражување која беше објавена вчера покажува дека околу половина од анкетираните родители, директори и наставници сметаат дека треба да се продолжи со наставата во училиште од септември. Околу третина од родителите, директорите и наставниците се за комбиниран пристап во настава на далечина (комбинирање на одделенија или денови во неделата).

Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите.

За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечина се изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.

Повеќе од половина од наставниците (54 отсто) сметаат дека во трите месеци онлајн-настава (март-јуни) се зголемил бројот на ученици кои имаат тешкотии да го усвојат наставниот материјал, а 77 отсто од наставниците во одреден период од наставата на далечина не можеле да остварат контакт со учениците. Мнозинството наставници рекле дека имаат потреба од обука за користење на образовна технологија. Мнозинството анкетирани родители имале тешкотии да ги поддржат своите деца за време на учењето на далечина. Од нив, 61 процент се изјасниле дека нивните работни обврски ги спречувале да им посветат дополнително време потребно за поддршка на онлајн-учењето. Пристапот до интернет и до компјутерска опрема, исто така, бил пречка за некои домаќинства, така што 37 проценти од родителите изјавиле дека децата морало да делат лаптопи или компјутери со други членови на семејството, а други дека немале стабилен интернет.

Повеќе од половина од директорите сметаат дека нивното училиште има услови за одржување безбедна физичка дистанца, а 94 проценти од нив сметаат дека нивното училиште има услови за одржување на мерките за хигиена.

Онлајн-анкетата била спроведена во јуни и јули и опфатила околу 10 000 испитаници (210 директори на училишта, 6400 наставници и 3400 родители).
Резултати од истражување вчера соопшти и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, според кое две третини или 68,7 отсто од анкетирани родители/старатели прифаќаат односно би избрале паралелен пристап – комбинирана настава, но само ако постои безбедност на децата и дека во никој случај не би поддржале настава со физичко присуство ако има голем број заразени.

– Како најбезбеден услов за спроведување на образовниот процес е рангирана „Онлајн-наставата, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени“ од страна на половина или 50,8 отсто од испитаниците. „Комбинирана настава со онлајн-настава и настава во училиште со намален број присутни ученици и со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ е најчесто второрангиран услов и тоа од 44,7 отсто од испитаниците, а најчесто како треторангиран е условот „Настава во училиште за сите деца распределени во помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ и тоа од 35,3 отсто од испитаниците, рече Драги Змијанац од „Меѓаши“ соопштувајќи наоди од интернет-анкета од 22 јули до 3 август со опфат на 1003 испитаници.

И додека надлежните уверуваат дека каков модел и да биде избран учениците и наставниците ќе бидат безбедни доколку се почитуваат протоколите што наскоро треба да бидат соопштени, родители на социјалните мрежи се здржуваат со петиции „за“ и „против“ отворање на училиштата.
-Каква опција и да се понуди или да се преземе некое решение, секогаш ќе се најдат луѓе кои ќе даваат отпор или ќе најдат причина за да ги оспорат. Затоа сите одлуки ги носиме со пристап со кој ги вклучуваме сите засегнати страни преку истражување и анализа, рече мнистерот Адеми вчера на видеосредба со новинарите, додавајќи дека конвенционалната настава во училница е незаменлива и дека и во најразвиени земји, кои имаат беспрекорни технички услови, не се организира во целост настава од далечина.

Слабостите во онлајн-наставата во последната третина од 2019/2020 ги утврдиил и Народниот правобранител кој вчера се огласи со заклучок дека образовните институции не биле целосно подготвени за учење од далечина. Најпогодени биле учениците во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.

Во мислењето, кое Народниот правобраниел му го доставил на Министерството за образование и наука, се наведува дека сите ученици немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на зададените задачи од страна на наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот, што дополнително води до нееднаквност и неможност за целосно вклучување во процесот на учење и совладување на знаења, умеења и вештини.

– Кризата настаната поради вирусот ги истакна проблемите, потребите и предизвиците во организирање на образование од далечина, особено во отсуство на системски решенија и развиени документи кои предвидуваат конкретни активности и мерки за реализација на учење од далечина, и немање на развиени стандарди за е-учење, како и национална платформа за поддршка за учење од далечина во основното и средното образование, се наведува во мислењето на Народниот правобранител, кој потенцира дека далечинското образование бара длабока трансформација.

Во очекување на протоколите со сите детали како ќе работат училиштата од 1 септември, Министетството за образование и наука објави Упатство со прирачник за одржување на училишните објекти заедно со видео со инструкции како да се чистат и дезинфицираат.

Протоколите за различни ситуации (поголеми и помали општини, големината на училиштата и просторните капацитети, бројот на ученици, нивната возраст, хронично болни деца и хронично болни наставници итн.) ќе бидат соопшени претстојнава работна недела. Потоа директорите ќе имаат обврска да направат план за своето училиште според протоколите и насоките од МОН.

Слични содржини