Со засилено темпо се одвиваат преговорите меѓу политичките партии кои освоија пратенички места. Сите тврдат дека разговараат, но никој засега не изнесува детали за текот на преговорите и за тоа дали има евентуален напредок.
Од СДСМ денеска соопштија дека ги продолжува разговорите за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат.
Оттаму велат дека посветено ги водат преговорите за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија и додаваат дека е јасно оти државата нема друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.
„Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ“, се вели во соопштението од партијата.
На ова реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата СДСМ и нејзините коалиции траат само неколку часа сè додека тие самите не се демантираат, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ веќе неколку дена излегува со информација дека има парламентарно мнозинство и дека ќе прави влада, а потоа самите се демантираат. СДСМ е пишманска партија или сега имаме т.н. пишманска СДСМ. СДСМ треба да излезе и јавно да каже дали има мнозинство во Собранието и дали ќе прави влада. Доколку не го направи тоа, значи дека тие ова што го прават е манипулирање со граѓаните. СДСМ ако сака да прави влада треба да се однесува транспарентно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
По конституирањето на Собранието пред пет дена ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Зоран Заев, СДСМ им понудил да бидат дел од новата владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите.
По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јуни, на 4 август се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10-дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство, по што претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.