Белорускиот опозициски политичар Светлана Тихановскаја во понеделникот изјави дека одбила да ги признае официјалните резултати од претседателските избори, според кои шефот на државата, Александар Лукашенко, оствари убедлива победа.

Тихановскаја пред новинарите во Минск изјави дека смета себеси, а не Лукашенко, победник на изборите.

Како што потврди таа, изборите биле лажирани, а опозицијата бара ново броење на гласовите на избирачките места каде беа евидентирани проблеми.

Опозицијата исто така бара разговори со владата за мирна промена на владата, рече Тихановскаја.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги повика лидерите на Европската комисија и Европскиот совет да одржат специјален самит за Белорусија и рече дека „мора да го поддржиме белорускиот народ во нивната потрага по слобода“.

Полското Министерство за надворешни работи го осуди насилството и ги повика белоруските власти „да престанат со ескалацијата на ситуацијата и да започнат со почитување на основните човекови права“.

По објавувањето на официјалните резултати, рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма до Лукашенко со честитки за изборната победа.

„Сметам дека вашите постапки на чело на државата ќе овозможат натамошен развој на руско-белоруските односи за взаемна корист“, напиша Путин во својата честитка.

Лукашенко исто така доби честитки од кинескиот претседател Си Џинпинг.

Германското Министерство за надворешни работи во понеделникот објави дека има бројни показатели за измама на претседателските избори во Белорусија. Портпаролот на министерството рече дека дури и минималните стандарди во гласањето не се почитувани и дека Европската унија сега размислува како да реагира.

Независните анкети покажуваат дека Тихановскаја добила 71 процент од гласовите, додека Лукашенко добил само 10 проценти. Во овој момент, податоците на ниту една од страните не можат да бидат проверени независно.

Слични содржини