Ужасни методи во Белорусија: Ги соблекувале голи, ги тепале и се заканувале дека ќе ги силуваат

од Vladimir Zorba
373 прегледи

Активисти за човекови права и организации велат дека има се поголем доказ за полициска бруталност против лицата приведени во Белорусија, додека протестите за спорните избори продолжуваат, веќе петти ден по ред.

Некои од ослободените затвореници споделија слики преку апликацијата „Некта“, покажувајќи модринки и отечени тела, вклучително и повреди на грбот и задникот, наводно нанесени од полицијата. Амнести Интернешнл соопшти дека лицата што биле уапсени опишале како биле соблечени голи, тепани и им се заканувале со силување, пишува Би-Би-Си.

„Поранешни затвореници ни рекоа дека единиците за притвор станале одделенија за тортура, каде демонстрантите се принудени да лежат во нечистотија, додека полицијата ги тепа со палки“, рече Мари Стратерс, директорка на Амнести за Источна Европа и Централна Азија.

Снимките од брутално полициско насилство врз демонстрантите кружат на социјалните медиуми. Во меѓувреме, се појави уште едно видео, во кое се прикажува заплашување на млади, тепани и приведени демонстранти, кое беше објавено на белоруската телевизија.

Официјални лица потврдија дека две лица загинале за време на немирите. Еден демонстрант почина за време на протестот во Минск во понеделникот, додека друг човек почина откако беше уапсен во југоисточниот град Гомел во средата.

Неговата мајка вели дека имал проблеми со срцето и со часови бил држен во полициско комбе.

Работничките штрајкови против насилството врз демонстрантите се организираат во повеќе државни фабрики.

Белоруската полиција употреби жива муниција во судир со демонстрантите во југозападниот град Брест, потврди Министерството за внатрешни работи.

Снимките објавени на апликацијата за пораки „Некта“ покажуваат дека протестите продолжуваат на улиците, додека демонстрантите извикуваат „излезете“.

Расплакани членови на семејството се собраа пред затворот во главниот град Минск, во надеж дека ќе се сретнат со најблиските или ќе дознаат какви било информации за нив.

Во текот на денот, жените во протести формираа „човечки синџир“ во Минск и другите белоруски градови за да го осудат насилното задушување на демонстрациите што избувнаа околу спорните избори.

Снимките што кружат на социјалните медиуми покажуваат дека членот на опозицијата Марија Колешникова им се придружува на жените во знак на протест, држејќи букет цвеќиња.

Немирите започнаа откако Александар Лукашенко беше прогласен за победник на претседателските избори во недела, чии резултати беа осудени од ЕУ и САД, велејќи дека тие не биле ниту фер, ниту слободни.