
Екипите на Градскиот инспекторат, со подрршка на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје денеска и утре на терен спроведуваат акции на повеќе локации на територијата на општините Чаир и Карпош за контрола на јавните површини за фрлање на кабаст отпад.
Овие акции се спроведуваат во континуитет на целата територија на Скопје, каде инспекторите на Град Скопје ги казнуваат сите физички и правни лица кои нелегално депонираат кабаст отпад.
Викендов контролите се спроведуваат кај бул. Цветан Димов во близина на џамијата Јаја-паша во Чаир, како и кај улицата Јуриј Гагарин во Козле, а локациите се одбрани бидејќи истите се посочени како локации каде најчесто нелегално се одлага кабастиот отпад. За поуспешно реализирање на акцијата, во надзорот е вклучен и дрон.
ЈП „Комунална хигиена“ воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните.
Жителите на градот Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт со специјалните возила на ЈП Комунална хигиена.
Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства.
Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува согласно ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.