„Ако Лукашенко си замине, Путин ќе нареди инвазија на Белорусија“: Американски сенатор за „украинско сценарио“

од Vladimir Zorba
181 прегледи

Во случај белорускиот претседател Александар Лукашенко да си даде оставка од таа позиција, Русија би можела да го повтори украинското сценарио во таа земја, тврди американскиот сенатор од редовите на републиканците, Марко Рубио.

Тој на својот профил на Твитер истакна дека, судејќи според ситуацијата што преовладува деновиве во Белорусија, постои голема можност за инвазија и воена интервенција од Русија.

– Многу е реална можност руската армија да интервенира доколку Лукашенко си поднесе оставка или не успее да го врати редот во земјата – напиша Рубио на Твитер.

После тоа, во следниот твит, тој предупреди за можностите на „украинското сценарио во Белорусија“.

– Ако Лукашенко ја пропушти можноста да го врати редот во земјата или ако е принуден да се повлече, има големи шанси за украинското сценарио на Путин – додаде американскиот сенатор.

Протестите во главниот град Минск, како и во другите делови на Белорусија, се организираат веќе една недела, откако Лукашенко оствари убедлива победа на претседателските избори и со тоа го доби својот шести мандат.

Граѓаните, сепак, веруваат дека резултатите од изборите биле лажирани и излегоа на улиците да го искажат своето незадоволство. За време на демонстрациите се случи остар конфликт меѓу полицијата и демонстрантите, а Европската унија ја осуди прекумерната употреба на сила од агенциите за спроведување на законот и најави санкции.

Од друга страна, Лукашенко во неделата посочи дека изборите биле легални и легитимни и истакна дека одржувањето на изборите повторно ќе значи „смрт за Белорусија“.

Ривалката на Лукашенко, Светлана Тихановскаја, која освои околу 10 проценти од гласовите на неодамна завршените избори, денес во видео порака рече дека е подготвена да „преземе одговорност и да стане национален лидер“.

Слични содржини