ЕУ не ги признава резултатите од изборите во Белорусија

од Vladimir Zorba
120 прегледи

Европската унија не ги признава резултатите од претседателските избори во Белорусија – изјавија претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и германската канцеларка Ангела Меркел по вонредниот самит на ЕУ за кризата во таа земја.

Потврдувајќи дека ЕУ е со луѓето во Белорусија, Мишел додаде дека ЕУ „наскоро“ ќе воведе санкции против „значаен“ број на службени лица на режимот на белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Протестите продолжуваат уште од претседателските избори на кои Александар Лукашенко го доби мандатот по шести пат, а голем број демонстранти се уапсени.

ЕУ е „на страната“ на луѓето од Белорусија, им рече Мишел на новинарите по видео самитот и дека ЕУ бара приведените да бидат ослободени веднаш.

Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен напиша на Твитер по самитот на кој Европскиот совет испрати „три силни пораки“: „Ние ги поддржуваме Белорусите кои сакаат основни слободи и демократија. Ќе ги санкционираме сите оние што се одговорни за насилство, репресија и фалсификување на изборните резултати. Ние ќе поддржиме мирна демократска транзиција во Белорусија“.

Денес Лукашенко и нареди на владата да спречи немири во земјата и да ја зајакне граничната контрола, додека протестите на опозицијата, кои ги оспоруваат резултатите од претседателските избори, продолжуваат 11-ти ден по ред.

„Не мора да има повеќе немири во Минск. Луѓето се уморни и бараат мир и тишина“, рече Лукашенко по состанокот на Советот за безбедност, јави државната новинска агенција „Белта“.

Тој нареди „зголемена заштита по целата граница со цел да се спречи влегување на приврзаници, оружје, муниција и пари од други земји во Белорусија и да се финансираат немирите“.

Слични содржини