Денеска требаше да продолжи конститутивната седница на Собранието и да се избере Талат Џафери за негов претседател, но неочекувано нејзиното одржување влезе во неизвесност наводно поради внатрешните расправии во ДУИ. Новоизбраните пратеници, Изет Меџити и Арбен Зибери наводно најавиле дека нема да учествуваат во гласањето на Талат Џафери за претседател на Собранието и на новата влада, поради револтот од листата на новите владини функционери.
Најголем гнев избувнал во ограноците на ДУИ во Чаир и Сарај поради предлозите Артан Груби, Бујар Османи и Фатмир Бесими да бидат на чело на клучните ресори што треба да им припаднат на интегративците.
Без гласовите на Меџити и Зибери, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот се избира со 61.
Синоќа лидерот на ДУИ, на новинарските прашања како се надминати несогласувањата на партиското членство од Чаир со овие кадровски решенија, одговори дека имало дебата, а сите одлуки се донесени со договор.
„Мнозинството на Централниот одбор ги прифатија овие кандидати кои се предложени. Сите се овде од ограноците, нема партија која што нема што дебата за овие прашања. ДУИ секогаш е транспарентна и на крај сите ја поддржаа одлуката која е добиена со мнозинство. Нема вознемирувања, природно е овие прашања да имаат дебата до последен момент. Сите заседанија на артиски тела се во присуство на медиумите и транспарентни“, истакна Ахмети.