„Скопското крило“ на ДУИ ја одложи седницата за избор на Талат Џафери?

од Nikola Popovski
271 прегледи

Иако вчера неколку пратеници од владината коалиција беа видени како влегуваат во Парламентот и чекаа да се свика седница, сепак тоа не се случи.

Очекувањата одат во насока дека продолжението на конститутивната седница во Собранието ќе биде одржано денес напладне, но според последните информации, седница ќе има тогаш кога ќе бидат доставени потребните 20 потписи од пратениците, за предлог за претседател на Собранието.

Неофицијално, оваа нејасна состојба е резултат на жестоката дебата на завчерашниот состанок на Централниот совет на ДУИ, на кој одредени ограноци беа незадоволни од поделбата на владиниот колач, поточно од „скопското крило“ на партијата, од Чаир и Сарај. Конфликтот е предводен од Изет Меџити и Арбен Зибери, кои се противат на именувањето на Артан Груби и Бујар Османи без консултација, а незадоволство постои и во Струга.

Поради ова, од ДУИ останаа и без одлука за тоа кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.

Претседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.

По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ, Зоран Заев.