Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган издаде декрет денес да ја претвори црквата Хора, една од најпознатите византиски згради во Истанбул, во џамија, само еден месец откако познатата Аја Софија стана муслиманско место за богослужба.
Во средновековната црква Светиот Спасител во Хора, изградена во близина на античките градски sидови на Цариград, има византиски мозаици од XIV век и фрески што прикажуваат сцени од библиски приказни, пишува Ројтерс.
Тие беа покриени откако Османлиите го освоија градот во 1453 година, но беа повторно откриени кога – како Аја Софија – зградата беше претворена во музеј пред повеќе од 70 години.
Минатата година, турскиот суд ја собори одлуката на владата од 1945 година да ја претвори Хора – позната како Карије на турски јазик – во музеј.
Денес, едиктот потпишан од Ердоган и објавен во службениот весник на Турција, вели дека управувањето со џамијата Карије е пренесено на администрацијата за верски прашања и дека џамијата е отворена за богослужба.
Црквата е изградена на ова место најпрво во 4 век, но повеќето постојни градби потекнуваат од 11 век, а потоа делумно била реновирана 200 години подоцна по земјотресот.
Во декретот на Ердоган не се прецизира кога ќе се одржат првите муслимански молитви во Хора, ниту што ќе се прави со христијанските уметнички дела.