Пендаровски-Бауер: Северна Македонија ќе продолжи да ги зајакнува односите со Холандија

од Aleksandar Petrovski
163 прегледи

Северна Македонија ќе продолжи да ги зајакнува односите со Холандија, истакна претседателот Стево Пендаровски кој попладнево во Вила Билјана во Охрид го прими началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Холандија, адмирал Роберт Бауер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, на средбата се разговараше за процесите на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учеството во меѓународни операции и вежби, како и нејзиниот придонес во справувањето со пандемијата предизвикана од корона вирусот и со мигрантската криза.

-Соговорниците разменија мислења за  соработката меѓу Северна Македонија и Холандија, при што констатираа дека членството во НАТО отвора нови можности за интензивирањето на воената и одбранбената соработка меѓу двете земји. Претседателот Пендаровски истакна дека земјава ќе продолжи да ги зајакнува односите со Холандија и во таа насока се заблагодари за долгогодишната отворена поддршка во помагање на македонското општество во реформите потребни за успешно заокружување на членството во НАТО и за преговорите за членство во ЕУ, се наведува во соопштението.