Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во интервју за албанската телевизија РТВ Ора изјавил дека со помош на ДУИ, македонските партии сакаат да направат етнички чиста држава. 
„ДУИ го имаше ветувањето за албански премиер, но видовме и дека не го исполнија. Секогаш победуваат на избори затоа што имале помош од македонски политички субјекти. Ова се гледа и на минатите локални избори, кога Заев ги нарече криминалци, но потоа водеше кампања со ДУИ. Дури и Академијата на науките на Македонија соопшти дека ДУИ е само средство за гласови. Македонските партии имаат интерес да направат етнички чиста држава во мултиетничка реалност. Македонија зависи од двата главни народа, Албанците и Македонците. Политиката од последните 30 години ги натера да градат своја национална држава. Заедно со ДУИ, тие успеваат, затоа што стапката на емиграција на Албанците е многу висока. Луѓето заминуваат затоа што се разочарани. Последните избори што ги добија беа украдени, бидејќи се занимаваа со закани и уцени за отпуштања. Ние стигнавме до 12 пратеници. Немавме членови на комисијата на избирачките места и тие манипулираа со гласањето“, изјавил Села.