Рокот за поднесување на предлогот за избор на нова Влада истекува на 2 септември. Откако во петокот беше избран Талат Џафери за претседател на Собранието, сега се очекува во наредните денови да биде закажана и седницата за избор на новата влада.
Во новата влада, како што најави мандатарот Зоран Заев, наместо 26, како досега, ќе има 19 министри или седум помалку.
Предлозите за новите министри беа објавени во средата откако претходно беше официјализирана коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ.
Од редовите на СДСМ во состав на новата влада влегуваат Оливер Спасовски кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, Радмила Шекеринска која ќе продолжи да го води Министерството за одбрана, а предлогот за нов министер за правда е Бојан Маричиќ.
Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нов министер за култура. Венко Филипче останува министер за здравство, додека вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука. Досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата.
ДУИ ќе раководи со Министерството за финансии, Министерството за надворешни работи, Министерството за економија и Министерството за животна средина. Ќе има и вицепремиер и министер за политички систем. Предлогот на ДУИ е Фатмир Бесими министер за финансии, Крешник Бектеши министер за економија, Насер Нуредини за животната средина, а Јетон Шаќири нов министер за информатичко општество и администрација.
Сепак според Алсат, Бујар Османи ќе извиси од владина функција, чии информации сепак се под „неофицијално“.
Според телевизијата, тој повеќе не е кандидат за министер за надворешни работи, а таа позиција ќе ја преземе Артан Груби, додека вицепремиерската функција му се предава на Изет Меџити.
Нема официјална потврда од ДУИ дали ќе биде изменета листата на кандидати за Владата што ја објави лидерот на партијата Али Ахмети.
Мандатарот Заев од владиниот тим очекува работа, чесност и одговорност.
„Би почитувал работа и повеќе од осум часа. Очекувам комплетна фокусираност зашто не чека неповторлив период. Втората работа е чесноста и одговоронста, изјави Заев во средата по седницата на Централниот одбор на партијата. Најави и одговорност за секој оној кој ќе се огреши пред законот без разлика дали е министер или не. Очекувам од кадрите да преземат одговорност секогаш. Тоа е пораката“, рече Заев.