Град Скопје успеал за шест месеци да собере во буџетот 2,1 милијарди денари што е само 27 проценти од планот за годинава. Споредено со истиот период од 2019 година, остварените приходите во првиот квартал од 2020 година се намалени за 8,4 проценти. Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за првото полугодие од 2020 година, се извршени во износ од 2.4 милијарди, што е 31,8 отсто од планираното. Од градот велат дека послабиот прилив е поради коронавирусот. 
За подмирување на реализираните расходи во периодот, Град Скопје искористи дел од пренесениот вишок на приходи од минататa година во износ од 560.814.638 денари, велат од градот.
Советот на Град Скопје на својата наредна седница која ќе се одржи во среда ќе расправа за Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2020 година, во првите шест месеци. На седницата ќе расправа и за полугодишните извештаи за 2020 година за работата на јавните претпријатија кои се во надлежност на Градот Скопје.
ЈП „Паркови и зеленило“ во првите 6 месеци од 2020 година работи со добивка во износ од околу 2,2 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат подигнато ново зеленило на површина од 25.495, а реконструирано зеленило на површина од 35.027 метри квадратни.
ЈП Комунална хигиена во првата половина од 2020 година оствари вкупни приходи во износ од околу 604 милиони денари и во однос на истиот период 2019 година бележи намалување за 0,29 проценти. Вкупните расходи изнесуваат 626.6 милиони денари и во однос на истиот период во 2019 година се зголемени за 7,43 проценти.
Покрај полугодишните извештаи за извршувањето на буџетот на Град Скопје за 2020 година и работата на јавните градски претпријатија, на седницата Советот на Град Скопје ќе расправа и за полугодишните извештаи за работата на јавните културни институции во наша надлежност, за прием и давање на повеќе донации, за одлуката за утврдување на локација за поставување на полнач за електрични возила, плановите за вработување во повеќе јавни претпријатија и културни установи за 2020 година, промена на дел од ценовниците за јавни услуги, како и за одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помал број на ученици во учебната 2020/2021 година во средните училишта на Град Скопје.