Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, им порача на соработниците дека „не отворањето на училиштата не е опција“, објави денеска „The Sunday Telegraph“.
Претходно овој месец, Џонсон рече дека отворањето училишта во септември е социјален, економски и морален императив, инсистирајќи на тоа дека училиштата ќе можат да функционираат безбедно и покрај пандемијата „Ковид-19“.
„Сандеј тајмс“ пренесува дека Џонсон наредил кампања насочена кон навремено отворање училишта.
Пред десетина дена, британскиот премиер рече дека отворањето училишта е императив, откако студијата објавена овој месец предупреди дека Велика Британија ризикува двојно посилен втор бран на инфекција во зима, во споредба со првичниот, доколку училиштата се отворат без подобрен систем за тестирање и мониторинг.
Британскиот премиер тогаш рече дека училиштата треба да бидат последното место што треба да се затвори во иднина.
Владата сака сите ученици да се вратат на училиште до септември.
Главниот медицински советник на Велика Британија Крис Вити изјави дека ќе им нанесе поголема штета на децата да не се вратат на училиште отколку да бидат заразени од коронавирусот.
„Шансите дете да умре од коронавирусот се неверојатно мали“, рече тој, додавајќи дека од друга страна, не отворање на училиштата ќе „предизвика долгорочно оштетување на децата“.
Милиони деца во Англија, Велс и Северна Ирска треба да се вратат на училиште во наредните недели. Училиштата веќе се отворија во Шкотска.
„Постојат јасни докази и во Велика Британија и во целиот свет дека децата ретко добиваат сериозна форма на болеста и завршуваат во болница ако развијат симптоми“, истакна Вити.