Пендаровски: Со моето делување ќе дадам придонес во унапредување на родовите политики

од Берта Китинска
252 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски синоќа се обрати на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и истакна дека оваа манифестација во континуитет придонесува за промовирање на родовата еднаквост и феминистичките вредности во нашето општество кое, како што рече, за жал, нема традиција на културни и активистички практики од овој тип.

– Овие месеци сме соочени со огромниот предизвик, да се справуваме со најголемата здравствена криза во овој век, која сериозно се одрази во сите општествени сфери и ги промени нашите животи. Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои се и во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти денеска неговиот Кабинет, посочил дека овој фестивал е дел од независната културна сцена кај нас. Фестивал кој нуди прогресивни културни политики и ги става во центарот на своето делување феминистичките вредности и родовата еднаквост, жените и женското уметничко творештво и културна продукција и критички го преиспитува нашиот општествен контекст, политиките и врзано со тоа, дистрибуцијата на моќ во општеството.

-Родовата еднаквост е важна заложба во мојот мандат и со моето делување сакам да дадам придонес во унапредување на родовите политики во земјата. Моето присуство на овој настан сакам да биде разбрано како поддршка на посветеноста на организаторките и сите културни работнички и работници, уметници, активистки и теоретичарки кои со години даваат придонес во развојот на нашата независна културна сцена и ја промовираат женската културна и уметничка креација, изјави Пендаровски.

Според него, како општество треба уште многу да направиме за унапредување на родовата еднаквост во културната сфера, се разбира и во останатите сегменти.

-Но, убеден сум дека токму ваквите културни настани, помагаат за реобмислување на постојните концепти, за продукција на нови идеи, визии и простори за делување. Секоја таква активност не води кон позитивни промени, кон подобро општество, кон унапредување на родовата еднаквост и збогатување на културната продукција во земјата и регионот, рече Пендаровски.

Годинава фестивалско издание на „Прво па женско“ се одвиваше од 17 до 23 август. На програмата беа повеќе настани, како филмски проекции, изложби, диџеј сетови, форум дискусија.

Слични содржини