Под хипотека во државава се 12,8 проценти од становите.
Од вкупно впишани 1.095.579 хипотека има на 140.571, покажуваат податоци од Регистарот на цени и закупнини од почетокот на април до крајот на јуни годинава. На крајот на минатата година под хипотека биле 132.527 станови, а во првиот квартал годинава тој број се зголемил на 138.425.
Во вториот квартал, споредено со првиот квартал кога настапи пандемијата со Ковид-19, има намалување на купопродажбите со недвижности, односно регистрирани се 562 трансакции помалку, а кај закупите намалувањето е за 1.347.
Најголем број станови под хипотека има во Скопје, каде од вкупно 321.430, заложени се 69.668 станови или 21,67 проценти. По главниот град следат Неготино со 2.413 станови или 18,6 проценти, Гевгелија со 16,5, Кавадарци со 14 проценти, Битола со 13 проценти и Штип и Кочани со по 12 проценти, Струмица со 11,9 проценти…. Кратово, пак, е општината со најмалку станови под хипотека, само 1,34 проценти, како и Македонски Брод и Крива Паланка, со по 1,71 и 2,4 проценти.
Споредено со првиот квартал, во вториот квартал во главниот град има 1.259 повеќе впишани хипотеки, односно нивниот број се зголемил од 68.409 на 69.668.
Податоците од Регистарот на цени и закупнини покажуваат и дека во вториот квартал годинава се намалени купопродажбите на недвижности за 562 трансакции во однос на истиот квартал од минатата година. Најголемиот број продажби припаѓаат на становите, односно 42 проценти. Споредено со првиот квартал, во второто тримесечие годинава има зголемување на продажба на становите за девет проценти. За исто толку проценти пак се намалил бројот на трансакции со земјоделско земјиште, односно од 36 проценти во првиот квартал на 27 проценти во вториот. Градежното земјиште во овој квартал учествува на пазарот на недвижности со 14 проценти, куќите со девет проценти, деловните простори со четири проценти, останатите недвижности со 3 проценти и индустријата со еден процент од пазарот на недвижности.
Најголема активност на пазарот е забележана во јуни, кога имало 1.381 продажба, а најмала активност во мај, односно 873 продажби. Во април се регистрирани 943 продажби на недвижности.
Анализата од Регистарот покажува и дека најголем број продадени станови има во општина Аеродром, односно во овој период се продадени 343 станови, додека пак најголем број продадени куќи, 31, има на територијата на општина Битола.
Во Општина Центар, пак, се забележани најмногу продажби на деловен простор, 18, а најмногу недвижности од типот на земјоделското земјиште се продадени во општините Куманово, Битола и Чешиново и Облешево со по 30 продажби, додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Сарај со 76 продажби. Во овој квартал се регистрирани и продажби на 13 индустриски објекти и тоа во поголем број општини.
Во Регистарот на цени и закупнини во вториот квартал се запишани и 876 закупи, за 1.347 помалку трансакции во однос на првиот квартал кога биле регистрирани вкупно 2.223. Во јануари имало 642, во февруари 811, во март 770, додека во април се регистрирани 196, во мај 262, а во јуни 418.
Од закупите во вториот квартал најголем процент, 41, отпаѓа на деловни простори, по што следат становите со 28 проценти, земјоделското земјиште со 13 проценти, куќите со 12 проценти, а градежното земјиште и индустријата со три проценти.
На Регистарот на преземени недвижности, пак, преку кој се нуди на продажба одземен имот, моментно се на продажба 91 стан, 165 деловни простории, 47 гаражи, 75 помошни простории, како и 134 парцели (градежно неизградено земјиште, дворни места, земјишта под згради, неизградено земјиште, шуми, лозје, ливади, пасишта, овоштарници). Тоа се имоти на граѓани што им бил одземен од банки поради ненавремено плаќање долгови или пак бил одземен со пресуда во судски случаи што ги водела државата.