Општина Аеродром ослободи одредени категории родители од месечен надоместок за престојот на нивните деца во детските градинки. Оваа одлука е изгласана на денешната седница на Советот на Општина Аеродром, а по предлог на дел од родителите чии деца се згрижени во детските градинки „Срничка“ и „Буба Мара“. Со одлуката, од плаќање месечен надоместок се ослободуваат следните категории родители:
– Родители на три деца запишани во градинката, се ослободуваат од плаќање месечен надоместок за престој за едно дете;
– Самохран родител со примања до една просечна плата или со останати приходи во износ до една просечна плата се ослободува од плаќање месечен надоместок на детето/цата;
– Двајца родители без приходи или самохран родител без приходи (невработени лица) се ослободуваат од плаќање месечен надоместок на детето/цата;
– Двајца родители од кои еден е без приходи (невработено лице), а другиот родител со примања до една просечна плата или со останати приходи во износ до една просечна плата се ослободуваат од плаќање месечен надоместок за престој на детето/цата;
– Родители на деца со посебни потреби се ослободуваат од плаќање надоместок за престој на детето/цата.
Ослободувањето се однесува за период од 1.9.2020 до 31.12.2020 година, а има цел да им се олесни на најранливите категории граѓани.