„Со одлуката за уривање на дивоградбата кај Мавровка на денешната прва седница на Владата ја покажуваме заложбата за вртење на вниманието навнатре, за отпочнување процеси на подобрувања во рамки на системот“, пишува новиот вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
„Им честитам на сите колеги од владиниот состав и им посакувам многу успеси во овој мандат. Се надевам дека ќе можам да бидам од помош во остварување на дел од целите кои стојат пред сите нас. Очекувам одлична соработка и многу заеднички успеси!“, посочува тој.
Владата на својата прва седница одржана денеска донесе одлука да му препорачува на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изградениот градежен објект што се наоѓа пред ТЦ „Мавровка“ КП 8891/3, според имотен лист бр. 110092, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
Во рамките на оваа одлука Владата им препорача на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.
По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката.