Шилегов: Да не се правиме на Тошо дека грдосијата кај Мавровка била предмет на легализација

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во однос на дивоградбата кај Мавровка денеска изјави дека бил легализиран објект кој што бил во сутеренски простории и само тоа било предмет на легализација.

Тој посочи дека неможе да се поистеветува легализацијата што била извршена од страна општина Чаир во сутерен, со овој објект и грдосија која што таму никна.

– Не станува збор за комуналии, станува збор за надоместок за легализација. Градот Скопје во постапката за легализација на дивоизградени објекти партиципира на начин што кога општината утврдува во законска постапка дека постојат услови тој објект да се легализира, ние вршиме пресметка на надоместокот и поделба на средствата. Таму е легализиран објект кој што беше во сутеренски простории и само тоа било предмет на легализација. Неможе да станува збор да ги поистеветувате легализацијата што била извршена од страна општина Чаир во сутерен, со овој објект и грдосија која што таму никнуваше. Едноставно, да не употребам груб збор, но „да не се правиме на Тошо“, и да тврдиме дека тоа што било предмет на легализација за што сопственикот платил надоместок, општина Чаир утврдила дека постојат услови, дека е ова што е предмет на рушење. Мислам дека е поигрување со здравиот памет на секој од нас како граѓани, вели Шилегов.

Тој повтори дека Градот, за жал, нема законска надлежност за постапување по дивоградби.