СЗО: Ефтини стероиди ја намалуваат стапката на смртност од Ковид 19

од Stefanija Kuzmanovska
367 прегледи

Лекувањето на пациенти со Ковид 19 со помош на ефтини, достапни стероиди ја намалува стапката на смртност за една третина, се заклучоците од истражувањата кои опфатиле клинички испитувања на седум клиники.

Истражувањето е спроведено од Светската здравствена организација, а е објавено во Journal of the American Medical Association.

Позитивните ефекти од стероидите беа забележани по второто итражување спроведено во јуни. Се покажа дека кортикостероидите се првата и досега единствената терапија што значително ги зголемува шансите за излекување на тешките форми на Ковид.

Во соопштението, СЗО ги повика лекарите да го разгледаат третманот со стероиди како стандардна терапија за лекување на критични пациенти заболени со Ковид. Пациентите треба да ја примаат терапија од 7 до 10 дена.

Но, тие предупредуваат дека оваа терапија не треба да се користи за пациенти со Ковид на кои животот не им е загрозен, бидејќи постои опасност светските резерви на овие лекови нагло да се потрошат.

Истражувањето проучувало 678 пациенти на кои им биле дадени стероиди, како и 1.025 пациенти на кои им биле дадени други лекови или плацебо. Сите биле примени во болница поради инфекција со коронавирус. Повеќето биле на респиратор. Жените сочинувале 29% од пациентите.

По 28 дена, 33% од пациентите третирани со стероиди починале, во споредба со 41% од пациентите третирани со други терапии. Анализата покажала дека разликата во смртноста помеѓу двете групи на пациенти е 34% – што е многу значаен број.

Истражувањата покажаа дека има исти придобивки за пациентите без оглед на тоа кои стероиди се користат, во која доза, како и без оглед на тоа дали пациентите биле респиратор или им бил даден само кислород.

Кортикостероидите не го напаѓаат директно коронавирусот. Наместо тоа, лековите делуваат на имунолошкиот систем на пациентот за да спречат вирусот да ги нападне белите дробови – и на тој начин да предизвика сериозна и често фатална состојба наречена синдром на акутен респираторен дистрес или ARDS.

Сепак, стероидите треба да се користат само кај тешките случаи на Ковид, бидејќи ако им се дадат на пациентите во рана фаза на болеста, можат дополнително да го оптоварат неговиот имунолошки систем.

Слични содржини