Фејсбук не дозволува Французин да ја пренесува својата смрт во живо

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Фејсбук во саботата објави дека ќе го блокира обидот на Французин, кој боледува од неизлечива болест, да ја пренесува својата смрт во живо на неговиот профил на таа социјална мрежа, пренесува Хина.

Ален Кок, 57, планираше да ги пренесува во живо последните денови откако во саботата престана да зема храна, пијалоци и лекови.

Францускиот претседател Емануел Макрон го одби неговото барање да биде евтаназиран, со образложение дека не може да биде над законот.

Кок сака Франција да го смени законот за да дозволи смртно болните да умираат како што сакаат.

Некои групи, вклучувајќи ја и Католичката црква, се спротивставуваат на евтаназијата од морални причини.

„Патот за ослободување започнува и верувајте ми, среќен сум“, напиша Кок на Фејсбук рано наутро во саботата додека лежеше во својот кревет дома во Дижон, откако објави дека „го изел својот последен оброк“.

„Знам дека деновите што доаѓаат ќе бидат тешки, но јас решив и сум мирен“, додаде тој.

Кок страда од дегенеративно заболување што предизвикува ѕидовите на неговите артерии да се лепат заедно.

Фејсбук го блокираше неговиот план да го пренесува неговото умирање во живо, со објаснување дека не дозволува објавување на сцена од самоубиство.

„Додека ја почитуваме неговата одлука да го свртиме вниманието кон неговото сложено прашање, по стручен совет, презедовме чекори за да спречиме пренос во живо на профилот на Ален“, изјави за AФП портпаролот на Фејсбук.

„Нашите правила не дозволуваат да покажуваме обиди за самоубиство“.

Кок објави дека Фејсбук го блокира неговиот пренос до 8 септември.

Тој ги повика своите приврзаници да се обидат да го убедат Фејсбук да го смени својот став.

„Сега зависи од вас“, рече тој.

Слични содржини