Колесникова: Луѓето на Лукашенко се заканија дека ќе ме убијат

од Vladimir Zorba
358 прегледи

Белоруската опозициска политичарка Марија Колесникова е приведена под сомнение за предавство, како дел од кривично дело поврзано со обид за преземање на власта, пренесе руската новинска агенција РИА, откако го цитира нејзиниот адвокат. „Ројтерс“ потоа ги објави нејзините тврдења дека приврзаниците на претседателот Александар Лукашенко на власт се заканувале дека ќе ја убијат.

Нејзиниот адвокат рече дека Колесникова поднела тужба против безбедносните сили на Белорусија, вклучително и руската КГБ, и дека во своето соопштение за јавноста изјавила дека искрено стравува за својот живот.

„Поточно, беше речено дека ако не ја напуштам Белорусија доброволно, тие ќе ме одведат, жива или на парчиња. Имаше и закани дека ќе бидам осудена на 25 години затвор“, изјави Колесникова.

Во понеделникот беше објавена неофицијална информација дека истакнатата опозиционерка „исчезнала“, односно дека маскирани лица ја турнале во минибус, пренесува Ројтерс.

Информацијата беше објавена ден по масовните протести против Лукашенко во Минск за време на викендот.

Белоруските државни медиуми објавија дека Колесникова е приведена на границата со Украина, при „нелегален обид за премин“, а агенцијата „Интерфакс-Украина“ објави дека тие навистина сакале да ја депортираат Колесникова во Украина, но дека таа го скинала својот пасош со цел да ги спречи.

Слични содржини