Поранешната кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја и опозицискиот Координативен совет се единствените легитимни претставници на Белорусија, се наведува во резолуцијата усвоена од литванскиот парламент. Вчера Тихановскаја изјави дека во иднина може да побара помош од меѓународни медијатори за да се реши ситуацијата во републиката.
„Ја повикуваме меѓународната заедница да го поддржи барањето на единствените легитимни претставници на белорускиот народ – лидерката Светлана Тихановскаја, избрана од граѓаните и Координативниот совет формиран по нејзина иницијатива – да се одржат нови, транспарентни претседателски и парламентарни избори во земјата“, се вели во документот.
Резолуцијата ја повикува меѓународната заедница да ги процени договорите меѓу Русија и Белорусија и да воведе санкции, доколку Москва и Минск се обидат со нивна помош да го „ограничат суверенитетот“ на Белорусија, и покрај волјата на народот.