Лондон го отфрли ултиматумот на Европската унија

од Vladimir Zorba
311 прегледи

Британската влада инсистира на закон со кој се бришат одредени членови од Договорот за развод со Европската унија. Главниот преговарач за „Брегзит“ од Европската унија рече дека Лондон разочарал во многу области.

Британската влада го отфрли ултиматумот од Брисел и инсистира на закон за бришење на одредени членови од Договорот за разделување од Европската унија, изјави во четвртокот Мајкл Гоув, министер задолжен за „Брегзит“, но опозициските лабуристи ја обвинија владата за нарушување на угледот на земјата.

„Совршено јасно реков дека нема да го повлечеме законот, и тој го сфати тоа. Секако, тој изрази жалење за тоа“, изјави тој за „Скај Њуз“ по состанокот со потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ.

„Од витално значење е да напредуваме“, додаде тој.

Со спорниот закон, владата во Лондон планира да го смени протоколот за царински аранжмани за Северна Ирска, и тоа беше токму едно од најтешките прашања при преговорите за Договорот за разделба.

Поради овие најави, особено е загрижена Ирска, која е единствена со копнена граница со Велика Британија, но и Северна Ирска, која е дел од Велика Британија.

На барање на ЕК, во четвртокот се одржа итен состанок меѓу Шефчовиќ и Гоув, на кој од британската страна беше побарано да ги објасни контроверзните нацрт-закони.

„Европската унија очекува дека буквата и духот на Договорот за разделба ќе бидат целосно почитувани. Прекршувањето на условите од Договорот би го нарушило меѓународното право, ќе ја наруши довербата и ќе ги загрози тековните преговори за идните односи“, се вели во соопштението на ЕК.

„Доколку законот биде усвоен, тоа ќе биде грубо кршење на Договорот за разделба и меѓународното право“, се додава во него.

Договорот стапи на сила на 1 февруари 2020 година и има правни ефекти според меѓународното право.

„Од тој момент, ниту ЕУ ниту Велика Британија не можат еднострано да го менуваат, разјаснуваат, изменуваат, толкуваат, игнорираат или поништуваат договорот. Протоколот за Ирска / Северна Ирска е клучен дел од Договорот за разделба. Неговата цел е да ги заштити мирот и стабилноста на островот Ирска и тоа беше резултат на долги, детални и тешки преговори меѓу ЕУ и Велика Британија“, се вели во соопштението на ЕК.

Мајкл Барние, главниот преговарач за „Брегзит“ од ЕУ, во четвртокот по последната рунда преговори изјави дека Лондон разочарал во многу области.

Европската унија покажа флексибилност кога станува збор за британските барања во рибарството, највисокиот суд на ЕУ и во други области, рече Барние, додавајќи дека „Велика Британија не е реципрочно ангажирана во областа на основните принципи и интереси на ЕУ“.

Барние објави дека „ЕУ ја интензивира подготвеноста за сите сценарија од 1 јануари 2021 година“, што е датумот кога завршува периодот на британската транзиција по „Брегзит“.

Британската опозициска Лабуристичка партија рече дека земјата го уништува својот углед затоа што избрала да го крши меѓународното право.

„Голата вистина е дека Велика Британија го крши меѓународното право и со тоа го нарушува угледот на Велика Британија во светот“, изјави портпаролот на лабуристите Чарли Фалконер.

Слични содржини