„AstraZeneca“ продолжува со клиничките испитувања на вакцината

од Vladimir Zorba
203 прегледи

Клиничките испитувања на вакцината за коронавирус, спроведена од „AstraZeneca“ во соработка со Универзитетот „Оксфорд“, продолжија откако британскиот орган за регулација на лекови (МХРА) потврди дека се безбедни, објави компанијата во саботата.

Испитувањата на експерименталната вакцина во доцна фаза, една од најнапредните меѓу многуте кандидати што се во фаза на развој, беа суспендирани оваа недела, откако се разболе еден од учесниците во британската група испитаници.

Оксфорд првично објави дека волонтерот се разболел необјасниво, а подоцна додаде дека станува збор за воспалителна промена на ‘рбетниот мозок, поради што третата фаза на тестирање на еден од фаворитите за вакцината за коронавирус беше привремено прекината.

„Поради стандардната постапка за преглед на пациентот, вакцинацијата на волонтери е привремено прекината, така што независните комитети и меѓународните регулатори можат повторно да ги испитаат сите безбедносни параметри. Независниот одбор ја заврши својата истрага и препорача на МХРА, испитувањата во Велика Британија да продолжат“, изјавија од компанијата.

Во соопштението на „AstraZeneca“ се наведува дека во овој момент не може да објави медицински и фармацевтски детали за случајот.

„Сите учесници во студијата ќе добијат навремени релевантни информации, кои ќе бидат објавени во глобалните клинички регистри во согласност со регулаторните стандарди“, се вели во соопштението.

Слични содржини