Зошто Трамп потпишува „историски договори“?

од Nikola Popovski
135 прегледи

На крајот на изборната кампања, американскиот претседател Доналд Трамп посредувал во склучување на дури три „историски договори“ за помалку од еден месец. Тој веќе е номиниран за Нобелова награда за мир за два договори и веќе освои три поени пред претседателските избори што ќе се одржат на 3 ноември.

Во обид да ги следи стапките на поранешниот американски претседател Џими Картер, кој посредуваше во склучувањето на египетско-израелскиот мировен договор во 1978/1979 година, во пресрет на претседателските избори, Трамп ги засука ракавите и седна прво со претставниците на Израел и Обединетите Арапски Емирати, потоа со претставниците на Белград и Приштина, а потоа и со Бахреин и Израел.

„Историските договори“ меѓу Арапите и Израел

Историскиот договор спонзориран од Картер го направи Египет првата арапска држава што потпиша мировен договор и го призна Израел. Јордан го стори истото со договорот од 1994 година меѓу Израел и Јордан. Актуелниот претседател на САД, 26 години подоцна, под притисок на внатрешни политички проблеми предизвикани од коронавирусот и немирите по полициските убиства на афро-американците во САД, ја води кампањата надвор од границите на неговата земја.

Во средината на август, во светот одекна веста дека Израел и ОАЕ постигнале историски мировен договор што ќе доведе до целосно нормализирање на односите меѓу двете земји од Блискиот исток.

Договорот бара мирно решавање на израелско-палестинскиот конфликт и ја суспендира одлуката на Израел да воспостави суверенитет над териториите на западниот брег на реката Јордан и им овозможува на муслиманите поголем пристап до џамијата Ал-Акса во стариот град во Ерусалим, како и да летаат од Абу Даби до Тел Авив.

Палестина реагираше на договорот со повлекување на својот амбасадор од Абу Даби, и според некои проценки, нема ништо историско во овој договор, бидејќи не се зборува за Израелците да им дозволат на палестинските власти од Рамала да се прошират до реката Јордан, но може да се претпостави дека се отвора можност Трамп да ги собере гласовите на американските Евреи.

Речиси еден месец подоцна, Трамп со воодушевување на Твитер објави дека Бахреин и Израел се согласиле да воспостават дипломатски односи.

„Уште еден историски успех! Нашите двајца пријатели, Израел и Кралството Бахреин, се согласија да потпишат мировен договор – втората арапска држава што склучи мир со Израел за 30 дена!“, напишал американскиот претседател.

Палестинските власти и исламската екстремистичка организација Хамас го осудија договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Бахреин. Хамас, кој го контролира појасот Газа, оцени дека со тоа се предизвикува сериозна штета на палестинската цел.

Од Блискиот исток на Балканот

Помеѓу двата договори, фокусот се префрли од Блискиот исток на Балканот. Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти седнаа на масата на Трамп на почетокот на септември. Во уште еден, како што е оценет во Белата куќа, историски договор меѓу Белград и Приштина, двете страни се согласиледа промовираат економска нормализација, но исто така и да ги штитат и унапредуваат верските слободи, да работат на пронаоѓање и идентификување на остатоците на исчезнатите лица, Хезболах целосно да го прогласат за терористичка организација…

И во овој договор има место и за Израел. Како што е наведено, Србија се согласува да отвори дипломатска мисија и канцеларија на државното министерство во Ерусалим на 20 септември 2020 година и да ја премести својата амбасада во Ерусалим до 1 јули 2021 година. Во документот потпишан од Приштина стои во точката 16: Косово (Приштина) и Израел се согласуваат да се признаат едни со други.

Тој момент особено ја потресе меѓународната заедница и додека Израел и САД го пофалија овој потег, Европската унија, која се противи на преместувањето на израелскиот главен град во Ерусалим, ја доби спротивната порака. Како што се очекуваше, реакцијата на Палестина беше исто така негативна.

Друг договор е на повидок

По три потпишани договори, се чини дека барем уште еден ќе биде потпишан пред изборите во САД. Преговорите меѓу авганистанските власти и талибанците во Доха започнаа пред неколку дена, со цел да се обезбеди траен мир во Авганистан и повлекување на американските и НАТО трупите по скоро 19 години.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, исто така ги нарече овие преговори историски.

Засега, обидите на Трамп да го постигне успехот во договорот од „Кемп Дејвид“ му носат само успех во изборната кампања, а времето ќе покаже дали и каква корист ќе имаат другите потписници на договорот.

Слични содржини